Пред 2-3 недели Дуа Липа во соработка со Google Maps сподели повеќе од 130 од нејзините омилени места во светот, од кои 12 беа во Приштина. Тоа ме потсети на мојата еднодневна велигденска екскурзија до главниот град на нашиот најмлад, петти, северозападен сосед.
Еве што запаметив од моето прво патување до таму и назад.
Крал Стефан Урош II Милутин, Бил Клинтон и Адем Јашари
Грачаница e мало гратче на десетина километри од Приштина и е најзначајната српска енклава во Косово. Се скршнува десно пред влезот во Приштина. Не е добро обележано со знаци покрај патот, но се стигнува со Google Maps. Таму сме да го видиме манастирот Грачаница што е еден од најзначајните споменици на средновековната српска православна архитектура. Изграден е во 1321 година од српскиот крал Стефан Урош II Милутин, а во 2006 е ставен на Списокот на светското културно и природно наследство на УНЕСКО. Однадвор, покрај црквата, има и конаци што се дел од комплексот, гробишта и две манастирски продавнички од кои таа за храна е затворена. Црквата е стара, но е реновирана и многу зачувана. Има камен под, насликани високи столбови и преубави фрески, единствено црните модерни и метални рефлектори потсетуваат дека е 21 век. Забележувам дека нема многу места за оставање пари во црквата. Самата црква е мала и тесна и луѓето не се задржуваат многу. Велигден е, па манастирот е преполн и луѓето што се таму се поздравуваат, си го честитаат празникот, муабетат или ги сликаат децата со цвеќиња.




Излегуваме од Грачаница, стигнуваме во Приштина, ја оставаме колата некаде близу до центарот и уште во првите неколку метри гледаме билборд со Трамп. Приштина е веројатно еден од европските градови со најмногу улици, плоштади и споменици посветени на американски политичари по глава на жител. Тие се израз на благодарност за улогата на САД во војната во Косово и американската поддршка за независноста. Во текот на денот гледаме уште неколку Thank you USA you are my best friend обележја во градот: статуата на Медлин Олбрајт се наоѓа на плоштадот Медлин Олбрајт, статуата на Бил Клинтон е на булеварот Бил Клинтон, а и улицата Џорџ Буш е тука, во центарот.
Се шетаме нагоре-надолу по пешачката улица „Мајка Тереза“ што е најголемото шеталиште во градот. Во близина е Националната библиотека на Косово, можеби најпознатата зграда во Приштина, па одиме да ја видиме од близу. Проектирана од Андрија Мутњаќовиќ и отворена во 1982, библиотеката е дел од кампусот на Универзитетот во Приштина и се смета за една од најпрепознатливите и најконтроверзни градби на Балканот. Според интернетот, градбата е „или ја сакаш или ја мразиш“, а јас не можам да одлучам за ниедно од двете. Мене повеќе ми се допаѓа Палатата на млади и спорт што има огромен портрет на некој што само оддалеку личи на Карл Маркс1. Се качуваме на плоштадчето и ги има сите елементи на југословенска градба: големи бетонски жардињери, места за седење, улични светилки со млечно бел кружен лустер.




Бавна храна и еспресо на брзина
Огладнуваме, па полека се упатуваме накај Soma - slow food ресторан што изгуглавме дека важи за еден од најдобрите во Приштина (еве и Дуа Липа го препорачува). Сфаќаме дека има некои 40ина минути возење до таму и е надвор од градот. Возиме низ нешто што личи на Чаир и Саранда во исто време, само со многу повеќе легнати полицајци направени од граѓаните. Само мала полукружна лента бетон, истурена врз асфалтот од еден до друг крај на патот е доволно да ве забави, и да ги направи улиците побезбедни. Патот до таму е тесен и има премногу гужва затоа што ресторанот се наоѓа на самиот крај на едно долго и тесно излетничко место покрај реката. Паркот Гермија е најголемата зелена површина на Приштина. Се состои од шуми, ливади, ридови и долини со мрежа на патеки за рекреација и потсетува на Водно, Сарај и Градски Парк во едно. Поминуваме неколку километри фамилии со деца и групи млади распослани покрај реката Вељуша каде што го поминуваат ова неделно попладне. На самиот крај од паркот се наоѓа Soma. Во ресторанот има слободни маси и веднаш нѐ седнуваат лево од огромниот шанк, на страната со прекрасен поглед кон планината. На менито има локални специјалитети со или без модерен твист. Има две главни менија „од земјата“ и „од морето“. Нарачуваме многу мезиња и предјадења и две главни јадења и се прејадуваме. Јадењата не се комплицирани, а се вкусни: ајвар со путер од лешници, пченкарен леб со тартуфи, локални сирења и меса. Најадени се враќаме накај градот и сообраќајот во тој правец се движи многу, многу побрзо.
За кафе пак се враќаме на пешачката улица и го бираме Half & Half Café. Еспресото е одлично и околу 70 денари, вецето е лошо и нема хартија. Келнерот не е нешто љубезен, ама местото е добро за people watching.
На излегување од градот од покривот на некоја зграда нѐ поздравува Статуата на слободата.




Најблискиот Rossmann и најблискиот Decathlon до Скопје
На враќање влегуваме во Prishtina Mall, повеќе од љубопитство отколку од потреба. Влегуваме во супермаркет и сме изненадени што од вратата нѐ пречекува македонско знаме на кока-кола лименки. Набргу сфаќаме дека не е тоа затоа што „нашата Кока Кола е најдобра“ туку затоа што во Косово има закон според кој на секој производ треба да има истакнато знаме од земјата во која е произведен. Во бутиците, после првите неколку минути брза географија, ги препознавам повеќето знамиња на државите во Јужна и Југоисточна Азија (и Камбоџа и Бангладеш) и окото се навикнува на лепенките, ги игнорира и се фокусира на евтиното „идно ѓубре“ што допатувало преку 7 мориња и 77 планини. Трговскиот е огромен, купувам 3 лабела за помалку од 8 евра и Haribo гумени бонбони со лакриц2 од германскиот синџир Rossmann и рефус микс од црн, црвен и бел сув бибер (нешто што со месеци не можам да го најдам во Скопје) oд супермаркетот и одиме накај дома.
Последната станица е традиционално на последната Shell бензинска пред граница, чисто колку да се одржи традицијата да се посети на секое поминување на косовската граница. Додека се труцкаме по испокршениот Качанички Пат и ццкаме за тоа како е срамно ова да е патот што нѐ носи и враќа од друга држава, заклучуваме дека Приштина е добра дестинација за еднодневна посета и дека пак ќе се вратиме.
Види ги другите репортажи на Кирилична Поддршка:
🗞️ (Хипер)локални вести
Новости кои може да ви направат разлика
Матурантите од генерацијата 2025/26 кои живеат во Кисела Вода ќе можат да добијат по 10.000 денари субвенција за полагање возачка дозвола од Б категорија. Средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“ до нивно исцрпување. Право на аплицирање имаат матуранти кои од 1 јануари 2026 година започнале обука во лиценцирана автошкола.
Општина Аеродром и оваа година ќе доделува еднократна парична помош од 3.500 денари за секое дете запишано во прво одделение во основно училиште на нејзина територија. Пријавувањето трае до 30 септември.
Жителите на Гази Баба може да аплицираат за субвенција до 20.000 денари (или до 50% од трошокот) за набавка на високоефикасен инвертер клима уред. Мерката е наменета за домаќинства што се греат на дрва, јаглен, нафта или мазут и ќе ја предадат постојната печка на општината. На повикот не можат да учествуваат домаќинства приклучени на централно греење.
🔗 Вреди да се кликне
Скопје меѓу камерите на „Безбеден град“ и реалноста на улиците - Призма
Електричните тротинети ризик за децата – лекарите бараат забрана, полицијата со засилени контроли - ТВ21
Со воз од Маџари до центарот на Скопје за околу пет минути – покажа споредбената тура по трасата на БРТ и на градскиот воз - 360 степени
Волкот од Козле – жртва на заробеништво, па на импровизации - Призма
🗓️ Настани (17 - 23 јуни)
Листава ќе биде обновувана во текот на неделата, проверете пак.
📽️ Во Cineplexx моментално на редовен репертоар се: Michael, The Devil wears Prada 2, Scary Movie 6, The Mandalorian & Grogu, Masters of the Universe, Disclosure Day и Obsession, а од 10 јуни на репертоарот ќе биде додаден и филмот од Steven Spielberg со Colin Firth, Emily Blunt и Josh O’Connor.
📽️ Во кината на Киноверзум во Драчево и Кисела Вода се прикажуваат Scary Movie 6 и Disclosure Day.
17 јуни (среда)
📽️ Фестивал на француски филм: „Кралство“ во Cineplexx
📽️ „Балканот не е мртов“ во Кинотека
🎭 „Страв и надеж“ во Македонски народен театар
🎭 „За нас почнува живот“ во Лабораториум
🩰 „Госпоѓа Бовари“ во Национална опера и балет
🎻 Lea Cosy Quartet во Аудиокултура
📚🎤 „Подем и пад, мерки и раст: книжевен разговор за квантитети и кризи“ во Илика
📚 Промоција на книгата „Ти си херој“ од Денис Бојаров во Цреша Бар
🪛 Работилница за 3Д печатење во American Corner
18 јуни (четврток)
📽️ Фестивал на француски филм: „Фотографка“ во Cineplexx
📽️ „Враќање во иднина и паралелните светови во кинематографијата“ во Кинотека
🎭 „Сите најубави нешта“ во Аудиокултура
🎻 „Lullaby for Lunatics“ – концерт на Андреа Мирческа квинтет во Јавна соба
🖼️ „Секогаш во изградба“ – изложба на Ивана Самандова и Исмаел Петроу во КИЦ (до 1 јули)
🎤 Пролет на македонскиот дизајн во кафе Бреза
19 јуни (петок)
📽️ Фестивал на француски филм: „Затворање“ во Cineplexx
📽️ „Самоуништување“ – 30 години од филмот во Кинотека
🎻 America’s 250 Years of Independence: Настап на US Army Europe and Africa Ensemble пред Спомен-куќата на Мајка Тереза
🎻 Ритамот на чаршијата: – концерт на ансамблот на народни инструменти и ора „Стефче Стојковски“ на плоштад „Филип Втори“
🎸 Black Coffee на стадион АРМ
📚🎤 Skopje Pride – придружна програма: промоција на ТРАНЗИН во Љубов бар
🎤 „Птиците на Шар Планина“ – предавање на Методија Велевски во Природно-математички факултет
🛍️ Летен базар: “Сè што ти треба за совршено лето“ во Skopje City Mall
20 јуни (сабота)
📽️ Фестивал на француски филм: „Грабнување“ во Кинотека
🎭 Infusion Festival: „Трите света плус еден“ - движечка интерактивна театарска претстава во Градски парк
🎻 „Филхармонија на отворено“ во Градски парк
🎻 „Ритамот на чаршијата“ – концерт на Коста Давчевски на класична гитара во Музејот на македонската борба
🎨 Бесплатна работилница за разубавување на стари предмети во Комбо
🎸 Putan Club во Ла Кања
🪧 Skopje Pride од фонтаната „Лотус“
🛍️ Летен базар: “Сè што ти треба за совршено лето“ во Skopje City Mall
21 јуни (недела)
🎸 Петар Саркањац – промоција на деби-албумот „Conference of Grammars“ во Сули ан
🎻 Отворање на Скопско лето: Концерт „АМАНЕТ ВО СВИЛА“: Звуците на Македонија од Византија до денес: Камерен гудачки оркестар „Полифонија“ и солист Петар Христов во Музеј на македонската борба
🖼️ Отворање на Скопско лето: „Ризница на постоењето - од документ до историја“ - Изложба на Државниот архив на Р.С. Македонија во Музеј на македонската борба
🪧 Целодневен „Queer Riot“ во „Дуња“
🛍️ Летен базар: “Сè што ти треба за совршено лето“ во Skopje City Mall
22 јуни (понеделник)
📽️ Македонски филм. На големо платно: „Домаќинство за почетници“ во Cineplexx
🎻 „Светлост“ + „Џез за чудаци 33“ во Дуња
23 јуни (вторник)
🪧 „Стоп за труењето на Усје“ од пред Собрание
🎈 Настани за деца
📽️ Во Cineplexx секој ден има проекции на The Super Mario Galaxy Movie, Scarygirl, Tom and Jerry: Forbidden Compass и Finnik 2. Од 18 јуни на репертоарот ќе биде додаден и Toy Story 5.
📽️ Во кината на Киноверзум се прикажува Finnik 2.
18 јуни (четврток)
📚 🎨 Интерактивниа читачкa работилница за деца: „Скокотливата куќа“ во библиотека „Другарче“
23 јуни (вторник)
📚 🎨 Интерактивна читачкa работилница за деца: „Мишка и дваесет и осум дена од животот на бурундук“ во библиотека „Другарче“
Се работи за Адем Јашари, косовски национален херој и еден од основачите на Ослободителната војска на Косово.






