Нов книжевно - филмски клуб во градов
посветен на автори од Источна Азија
Вчера повеќе од 14000 луѓе во Скопје станаа рано сабајле и на 2 степени Целзиусови истрчаа 5 или повеќе километри, Дарио Ивановски стана првиот Македонец што победил на Скопскиот маратон, а до крајот на денот добар дел од градот веќе немаше вода.
Претходната недела повеќето скопјани што се приклучени на градско парно веќе добија греење, а некои скопјани излегоа на протест против геноцидот во Палестина. Наредната недела Урсула Фон дер Лајен ќе не посети.
И тука некаде меѓу овие наслови, дојде и веста дека Скопје доби и нов (прв!) книжевно-филмски клуб.
Клубот „Пат кон Истокот“ е започнат на иницијатива на Пагода и Македонско-јапонското друштво за пријателство и соработка, и ќе се состанува секои 3 месеци.
“Книжевниот дел од клубот ќе биде посветен на автори од Источна Азија – нивно читање, анализа и разговор за дела преведени на македонски, англиски или други јазици. Филмскиот дел ќе вклучува проекции и анализи на филмови, често поврзани со книжевните наслови.“ велат организаторите.
Илина Јакимовска од Bookbox, која ќе биде домаќинка на првата средба на клубот ми кажа нешто повеќе за него.
За инспирацијата за започнување на клубот:
Инспирација за клубот беше потребата не само од читање, туку и од споделување впечатоци и размисли за прочитаното. На овој начин се додава аспект на социјализација на инаку осаменичкиот чин на читање, кој сам по себе не е лош, но добива нови димензии кога ќе се добие увид во различните доживувања на едно исто дело. Клубот е и за дискусија за гледани филмови, кои најчесто сепак ќе бидат поврзани со книгите од различни жанрови. Исто така, постои потреба од поврзување на здруженија кои имаат иста цел - промоција на источноазиските култури, па оттаму и соработката помеѓу Пагода и Македонско-јапонското друштво за пријателство и соработка.
За тоа дека ова е прв ваков клуб кај нас, посветен на источноазиската култура:
Добро е ако сме први „специјализирани“ за нешто, иако секако никој од нас не е експерт за кинеската, корејската, јапонската и другите култури. Се работи за група луѓе кои би сакале да го споделат својот интерес за овие земји, култури и уметности, секако без да ги романтизираат или идеализираат. Всушност, токму нивните книжевности и филмски продукции се начин да се запознаеме и со помрачните и поскриените делови од нив.
Ако ова ви звучи интересно:
Сите заинтересирани можат да се придружат директно на настаните, со услов да ја имаат прочитано книгата која ја задава домаќинот/домаќинката навремено. Првата средба ќе се случи на 25.10. (сабота, 12 часот) во Base42, (во Карпош, близу Млечен ресторан). Ќе се дискутира книгата „Продавачката“ од Сајако Мурата. Членството е бесплатно, иако донации (за кафе, чај, грицки) се охрабруваат. Може да нѐ следат на Инстаграм.
🗞️ (Хипер)локални вести
Новости кои може да ви направат разлика
Градски паркинг започна со зимското работно време на нивните паркинзи. Работното време во зоните А, Б, Ц ќе биде од 7 до 21 часот од понеделник до петок и од 7 до 14 во сабота. Во зона Д, работното време останува непроменето од понеделник до сабота од 7 до 23 часот.
Водата за пиење во Скопје од овој месец е поскапа за 10%. Кубен метар вода сега чини 35,02 денари.
Грејната сезона оваа година почна порано и ЕСМ веќе пушти парно (кај вас среќници што немате дефект во маало) уште од 3 октомври. “Согласно регулативата, снабдувањето со топлинска енергија вообичаено започнува од 15 октомври, но може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.“ Секој ден до 15 октомври, ЕМС ќе објавува дали „се создадени услови“ за да се пушти парното наредниот ден. Овие известувања може да ги следите овде.
☢️ Локални избори ☢️
Минатата недела официјално започна предизборната кампања за локалните избори чиј прв круг ќе биде на 19 октомври. Оваа публикација (лол) нема намера редовно да ги прати сите партиски препукувања и секојдневните драми. Ако сѐ уште не сте одлучиле за кого ќе гласате, ви предлагам да ги погледнете на дебата, така најлесно и најбрзо може да ги споредите кандидатите.
ТВ 24 има серија дебати со кандидатите за градоначалници на разни општини
Дебата со кандидатите за градоначалник на Центар: Билјана Ивановска (Независни Заедно), Мирослав Лабудовиќ (ЗНАМ) и Марија Среброва (Левица). Горан Герасимовски од СДСМ одбил да присуствува заради обврски.
Дебата со кандидатите за градоначалник на Карпош: Стевчо Јакимовски1, (ГРОМ) Маја Мојсова-Мијовска (СДСМ), Антонио Димитров (Левица), Невена Георгиевска (Независни за Карпош). Сотир Лукровски од ВМРО бил отсутен заради обврски.
Дебата со кандидатите за градоначалник на Аеродром: Александар Трајановски (СДСМ), Марјан Димитриев (Левица), Дејан Митевски (ВМРО) и Владимир Михајловски (независен).
Дебата со кандидатите за градоначалник на Кисела Вода: Оливер Поповски (ЛДП, ГРОМ, и др), Горан Трајковски (СДСМ), Јане Ацевски (Левица), Бети Стаменкоска – Трајкоска (ВМРО), Марко Салџиевски (Твоја партија) и Кети Сталеска (група избирачи).
Дебата со кандидатите за градоначалник на општина Ѓорче Петров: Александар Димитријевиќ (Левица), Костадин Ацевски (СДСМ), Љупчо Јаневски (ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР) и Александар Стојкоски (ВМРО).
Плус: Дебата со кандидатите за градоначалник на Кочани
Целосните листи на кандидати за градоначалници во сите општини, како и листите на кандидати за советници може да ги најдете тука.
🛍️ Пазарување
Online книжарницата Bad Wolf (за која може повеќе да прочитате тука) има скорововедени две новини: едната е дека сега имаат online плаќање (до скоро мораше само кеш при достава) и втората е дека може да си порачате наслови што ги немаат во понудата и да ви стигнат.
„Моја Кравица“ има наградна игра во која може да учествувате ако купите два нивни производи и го испратите бројот на фискалната по СМС. Наградната игра трае до 26 октомври, а главната награда е семејно патување во Дизниленд.
Има уште помалку од 90 дена од оваа година, скроз е океј да почнете да барате новогодишни подароци. Ланскиот водич за подароци ми го откри Технополис како добра дестинација за квалитетни и евтини производи. Цел октомври имаат попуст, а јас веќе си го купив овој држач за зачини. Имаат и нова продавница што се наоѓа спроти паркингот кај Зебра.
Ако редовно купувате Вечер, може да добиете бесплатна книга од Матица Македонска. Сите оние што ќе соберат пет купони, (од понеделник до петок, а резервниот ќе биде објавен во сабота) објавени на страниците на весникот, ќе добијат книга издадена од Матица Македонска.
Тинекс е дефинитивно најдиверзифициран бренд на супермаркети. Затоа што Tinex Home, Tinex Delicatessen и Tinex -Tinex не се доволни2, мал дел од Тинекс маркетите сега се Конто.
📍 Место на неделата
Претходната недела, во потрага по нешто зачинето, а по препорака на Алекс, бев во Healthy Junk Food Corner 888. Прво газдата ни рече да се вратиме за 45 мин кога ќе завршат со снимање дечките што им го прават маркетингот (-4), а маркетингот е прилично лош, (-7) и во меѓувреме тој ни раскажа за концептот. Healthy Junk Food Corner 8883 e fusion место и најзастапени на менито се нивните наанвичи. Наанвичи се сендвичи направени од наан леб4 со тоа што ова како што ни објаснија е леб сличен на наан, ама прилагоден на балканскиот вкус со тесто што ферментира 48 часа (+4, а за луѓе со проблеми со глутен +13). Секој од наанвичите е инспириран од различен дел од светот (+3). Јас јадев два пати, прво Royal Saffrоn Chicken Meal со Lemon Herb пилешко што беше најверојатно најдобриот од сите 4 оброци што ги пробав таму. Марија и нејзиниот сопруг (инаку Индиец со кој се запознале во Кувајт) со задоволство ќе ви објаснат сѐ за храната (+6), дека целата храна се готви без зејтин, (имаат 2 air fryers и една печка), дека сите зачини ги купуваат од тука, а мешавините ги прават сами и се уникатни, како и дека користат јасмин ориз. Второто нешто беше Heritage Naanwich со пилешко, помфрит, салата, паста од индиски ореви и сос од нане. Конзистентно најдобро нешто во сите оброци беше пилешкото (+10). Маринирано во зачини, толку кревко и меко пилешко уште немам пробано на европско тло5, дотолку повеќе што е правено во airfryer што знае да го пресуши јадењето (+8). Оризот исто беше миризлив и преубав (+4), сосеви имаше секакви, од свежо chutney од нане и коријандер (+6), до некои попознати за нас како тој со сенф и мед. Марулата цело време беше лоша и сува, дури горчлива, (-5) другите салати беа океј (+2).
Healthy Junk Food Corner 888 на менито има вегетаријански и вегански оброци, и од месо има само пилешко.
Имајте во предвид дека местото е self-service, и нема концепт на јадење таму (-1), има само една мала маса за седење надвор, дури и ако сакате да јадете таму, храната ќе ја добиете во пластични садови/хартија за носење.
💸 Сендвичите со големина на македонски порции т.е. 550 калории = 242 ден;
💸 Најскапото нешто на менито е оризот = 278 ден;
💸 Продаваат и одличен домашен хумус = 89 ден за помало пластично (види слика);
🔗 Вреди да се кликне
Без лажни вести и без кликбејт
Значителен пад на цените на деловните објекти во Македонија - Bloomberg Adria
40 oтсто од младите до 18 години се пушачи, а прва цигара палат на 13 - Meта
Еколошки аларм од ЕУ - загрижувачки податоци за животната средина - Радио Слободна Европа
Предизборна галерија на улиците - кој го држи бизнисот со билборди? - Радио Слободна Европа
Евтина мода со висока цена – токсични хемикалии во облеката и накитот од Тему, Шеин, Али Експрес… - Вечер
Дали во Македонија може да си и мајка и работничка без страв од отказ? - ВидиВака
Чи гонг вежби за виталност во пензија - Deutsche Welle
Протестите на работниците стануваат пракса - ВидиВака
🗓️ Настани (6 - 12 октомври)
Листава е обновувана во текот на неделата
📽️ Во Cineplexx оваа недела на редовен репертоар се: The Naked Gun, The Conjuring: Last Rites, A Big Bold Beautiful Journey, Him, Demon Slayer: Kimetsu no Yaiba Infinity Castle, One Battle After Another, Avatar: The Way of Water, и Диџеј Ахмет. Од 9 октомври ќе може да ги гледате и Tron: Ares и Седеф-магла.
6 октомври (понеделник)
📽️ Меѓународниот фестивал на етнографски филм – ЕТНОФФ во Кинотека
📽️ Living Together: The Story of De Warren: проекција + разговор во Буква
🎻 Денови на македонска музика: Концерт на Гудачкиот квартет АТАКА во Музеј на македонската борба
🎻 „Џез за чудаци 7“ во Буква
🎻 Солистички концерт на пијанистот Арда Мустафаоглу во КИЦ
📚 Разговор со писателката Румена Бужаровска во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“
🛍️ Базар во чест на Меѓународниот ден на руралната жена во ГТЦ
7 oктомври (вторник)
📽️ Меѓународниот фестивал на етнографски филм – ЕТНОФФ во Кинотека
🎭 „За нас почнува живот“ во Драмски театар
🎻 Национален џез оркестар со студенти од ФМУ и Џез академијата – Штип во Македонска филхармонија
🖼️ Изложба „Кузман Јосифоски – Питу: Живот во слики“ во Музеј на РС Македонија
🖼️ Ретроспективна изложба на фотографии од Александар Кондев во КИЦ
📚 Промоција на стрипот „Тивка војна“ од Методија Стојановски во Буква
🛍️ Базар во чест на Меѓународниот ден на руралната жена во ГТЦ
8 октомври (среда)
📽️ „Три дена во септември“ во Кинотека
📽️ The Conjuring: Last Rites во Киноверзум
📽️ Меѓународен ентографски филмски фестивал NAFA 2025 во Музеј на Македонија
🎭 „Гидионовиот јазол“ во Драмски театар
🎻 Концерт на пијанистката Дуња Иванова – „Кругови“ во КИЦ
🎻 Концерт по повод 100 години од Микис Теодоракис во Македонска опера и балет
🖼️ Изложба „Скаменети потези“ од Аница Китаноска во Музеј на град Скопје (до 22 октомври)
🎸 Концерт на Frise Lumière во Ла Кања
📚 Работилница за експресивна поезија со Ана Тодоровска во Илика
🛍️ Базар во чест на Меѓународниот ден на руралната жена во ГТЦ
9 октомври (четврток)
📽️ Денови на словенечки филм: „Семејна терапија“ во Кинотека
📽️ Меѓународен ентографски филмски фестивал NAFA 2025 во Музеј на Македонија
📽️ „Седеф магла“ во Киноверзум
🎭 „Парови“ во Драмски театар
🎭 „12“ во МНТ
🎻 Денови на македонска музика: Концерт на дувачкиот квартет „Консонанс“ во Музејот на македонската борба
🖼️ Изложба „Линии во движење“ во галерија Руди
🎸 Музички перформанс на Тasos Stamou во Јадро
📚 Промоција на стихозбирката „Во цутот на мекоста“ од Гала Матевска во Буква
📚 Промоција на „Дневникот на Демон Џонс: Благородникот“ од Маша Тодевска во Цреша Бар
📚 Промоција на книгата „Приватна насмевка“ од Гоце Дртковски во Public Room
🎤 „Коста Солев и неговите три музи“ во Галерија Остен
🛍️ Базар во чест на Меѓународниот ден на руралната жена во ГТЦ
10 октомври (петок)
📽️ Денови на словенечки филм: „Игралиштето не го даваме“ во Кинотека
📽️ Меѓународен ентографски филмски фестивал NAFA 2025 во Музеј на Македонија
📽️ Tron: Ares во Киноверзум
🎶 „Риголето“ во Национална опера и балет
🎭 „Фамилијата Адамс“ во Драмски
🖼️ Изложба „Приказни за замислен дом“ во Галерија ФЛУ
🖼️ Изложба „Облици на сеќавањето“ – накит од Бранка Данчевска во Мобилна/Монтажна галерија
📚 Книжевен фестивал „Друга приказна“ во Јадро
🎸 ЗДРАВО МЛАДИ #15! во МКЦ
🎸 Shoom во Ла Кања
🎸 Концерт на Ламбе Алабаковски во Public Room
🩸Роденденска крводарителска акција во Карпош во новата општинска зграда во Карпош
🛍️ Базар во чест на Меѓународниот ден на руралната жена во ГТЦ
🛍️ Есенски базар – „Креативна есен во срцето на градот“ во Скопје City Mall
11 октомври (сабота)
📽️ Денови на словенечки филм: „Планината не оди никаде“ во Кинотека
📽️ Tron: Ares во Киноверзум
🎸 Промоција на винилот “After the Wildfire” и концерт на Гордан Спасовски во Аудиокултура
🎸 Слаткаристика и Тони Зен во Арена „Борис Трајковски“
📚 Книжевен фестивал „Друга приказна“ во Јадро
📚 „Позајмена поезија, прекроени простори“ - Медуза пишувачки клуб со Маша Сеничиќ во Комбо
🩸„Аеродром дарува“ крводарителска акција во С.Ц. Јане Сандански
🛍️ Базар во чест на Меѓународниот ден на руралната жена во ГТЦ
🛍️ Есенски базар – „Креативна есен во срцето на градот“ во Скопје City Mall
🛍️ Second hand pop-up sale во Макка бар
🛍️ Pop-up Октомври pt. 2 во Бистро Комедија
12 октомври (недела)
📽️ Tron: Ares во Киноверзум
🎻 Скупи Камерфест: Duo “Bertolini” – Ветрови на Медитеранот во Музеј на македонската борба
📚 Книжевен фестивал „Друга приказна“ во Јадро
🎸 SVARTVIT + MOTHERHATERS во Макотекс (стара телевизија)
🏃 Хуманитарна трка „Подaj рака“ во Градски парк – Лепеза
🛍️ Есенски базар – „Креативна есен во срцето на градот“ во Скопје City Mall
Настани за деца
📽️ Во Cineplexx секој ден има проекции на Smurfs, Lilo & Stitch, The Bad Guys 2 и Ozi: Voice of the Forest. Од 9 октомври децате ќе може ги однесете и на „Тафити и пустинската авантура“.
10 октомври (петок)
🎭 „Црвенкапа“ во Театарот за деца и младинци
🎭 Премиера на „Мачорот во чизми’‘ во Public Room
📽️ „Тафити и пустинската авантура“ во Киноверзум
10 октомври (сабота)
📽️ „Тафити и пустинската авантура“ во Киноверзум
12 октомври (недела)
🎭 „Чувари на улицата“ – детска интерактивна претстава во Public Room
📽️ „Тафити и пустинската авантура“ во Киноверзум
Потсетник дека Стевчо е неправосилно осуден на 3.5 години единствена казна затвор, по обвинение за две кривични дела и е на црната листа на американскиот State Department.
Tinex Home Outlet и Tinex Cosmo не ги броиме.
Името со 4 збора и трицифрен број е исто лош маркетинг.
Наан е тенок кружен бел леб (изгледа како нешто измеѓу тортиља и гиро лепче), застапен во многу азиски кујни.
Најозбилно, ако има помеко и покревко пилешко во Македонија ве молам да ми кажете каде е, затоа што моето искуство е дека кај нас пилешкото ако не е похованица е пресушен, скаменет стек.





Уште еден banger of a post, браво!