Културен информатор: Сите моментално активни изложби во Скопје
Од Националната Галерија до Шпанската амбасада.
Оваа недела горештините, пожарите и комарците се трите манифестации на климатската криза. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека вчера во земјава биле регистрирани 30 пожари на отворено. Поради зголемениот ризик од шумски пожари, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата, од 1 до 31 август.
Истовремено, африканскиот топлотен бран носи температури над 41 степен и врвот на жештините се очекува да биде во четврток.
Итната помош прима повеќе од 200 повици дневно, меѓу другото поради колапси, прегревање и топлотни удари. Препораките на Институтот за јавно здравје се: не излегувајте директно на сонце од 11 до 17 часот, пијте вода и пред да почувствувате жед, носете лесна облека и капа и не оставајте луѓе или животни во паркиран автомобил. Топла и сува кожа, конфузија, грчеви или губење на свеста се знаци за итно јавување на 194 или 112.
Екстремните температури го зголемуваат и ризикот од труење со храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство препорачува да се избегнува купување храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), производите да се чуваат на температура под 5 степени и добро термички да се обработат пред конзумирање.
Годинава досега се регистрирани и 10 потврдени и 3 сомнителни случаи на западнонилска треска, сите локално стекнати. Користете репелент, мрежи на прозорците и облека што покрива повеќе кожа.
Неделава, кога најдобрата опција е да останете во затворена просторија, изложбените простори нудат кратка пауза од жештината, но и можност да видиме уметност околу нас.

Во продолжение е моменталниот избор на изложби што може да ги посетите во Скопје.
Во Музејот на современата уметност до 16 септември може да ја видите „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“. Патувачката изложба на Јапонската фондација преку фотографии, текстови и видеа претставува 80 објекти, градежно-инженерски проекти и пејзажи од цела Јапонија и прикажува како Јапонците се соочувале и живееле со природната средина и како низ тие предизвици создале и го зачувале локалниот идентитет. До 30 август е отворена и изложбата „Кен Фридман: 92 настани + 1“, посветена на седум децении од уметничката практика на Фридман и на неговата поврзаност со пионерското неоавангардно движење Флуксус. Во музејското фоаје е поставена и изложбата „Прекин во тек“ на Игор Тошевски и ОПА. Преку пет дела, изложбата ги истражува механизмите со кои современата уметност добива видливост, вредност и значење, допирајќи ги прашањата за моќта, институционалните рутини, јазикот и машинската интерпретација на сликите. МСУ работи од вторник до сабота од 10 до 17 часот и во недела од 9 до 13 часот.
Од објектите на Националната Галерија, во Чифте амам до 30 август е отворена изложбата „Од канон до индивидуален израз: Зографството и профаното сликарство во Македонија (19–20 век)“. Поставката содржи ретко или досега неизложувани икони и слики од средината на XIX до средината на XX век и дела од некои од најзначајните имиња на овој период, меѓу кои Дичо Зограф, Димитар Андонов Папрадишки и Михајло Шојлев. Чифте амам работи од вторник до сабота, од 10 до 18 часот.
Даут-пашин амам е привремено затворен и нема изложби во него.
Во Мала Станица изгледа како да сѐ уште е активна изложбата на графики насловена „Траги во графиката“ на Виктор Сименпеев.1 Дали има и друга поставка и дали уште може да се види „Два погледа на документарната фотографија“ на Зоран Андонов и Драги Неделчевски не можев да потврдам затоа што никој не крева на телефон. Мала Станица во теорија треба да е отворена од вторник до недела од 10 до 18 часот, ама не сметајте на тоа. Денес беше затворено уште во 16:40.
Во Сули ан сѐ уште е отворена изложбата „63 слоеви на сеќавањето“ на Сашо Алушевски, на која може да се видат фотографии што сведочат за архитектонското наследство кое го преживеало земјотресот.
Во Музејот на град Скопје треба да е поставена изложбата „63 години“ на Зоја Богдановска, посветена на годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година.2 Update: Oваа изложба е постојана.
Изложбата „Поблиску од здивот“ на Кристина Хаџиева се наоѓа во КИЦ и може да се посети до 15 август.
Во холот на националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ се изложени 3 дела од Наташа Андонова по повод 1110 годишнината од смртта на Св. Климент Охридски.
Во Амбасадата на Шпанија, може да ја видите изложбата „Café Transversal VIII“ на шпанскиот уметник Хавиер Каро Тембури. Во изложените дела уметникот ги разгледува разликите и сличностите на традициите на пиење кафе низ различните континенти, држави и региони. Може да ја посетите секој работен ден од 10 до 14 часот сѐ до 16 септември.
Во Етно музејот во Македонското село во Горно Нерези може бесплатно да ја видите мини-изложбата по повод 100 години од постоењето на Природнонаучниот музеј. Музејот работи од вторник до недела од 10 до 18 часот.
Во Concept37 до крајот на август се наоѓа „Дуалност – секој поглед е своја страна“ изложба на Данијела Ефнушева што ги поврзува визуелната уметност и текстовите создадени со помош на вештачка интелигенција.
Како опција секогаш се и Музејот на Македонија, Музејот на Македонската Борба и Археолошкиот музеј и нивните постојани поставки. Овие музеи понекогаш имаат и други, привремени изложби за кои не можев да најдам информации онлајн.
Оваа недела
На 7 август во Мобилната/Монтажна галерија ќе биде отворена изложбата „Homo archīvālis“ на Анастасија Саздовска. Изложбата се состои од дигитални колажи и дела изработени во комбинирана техника инспирирани од традиционалните балкански тетоважи и македонските народни везови, како форми преку кои луѓето го изразувале својот идентитет, припадност и верувања. Ќе може да се види до 14 август.
Во рамките на „Флипбук филм фестивал“, оваа недела ќе бидат отворени повеќе изложби. Директорот Жарко Иванов најавува „Во Кинотеката ќе бидат поставени изложби на цртежи, кукли и сценографии, меѓу другите, од наградуваниот „Winter in March“ на Наталија Мирзојан, како и изложба на цртежи и графики на еден од најнаградуваните современи автори Вук Јевремовиќ.” Види ја целата фестивалска програма тука.
🗞️ (Хипер)локални вести
Новости кои може да ви направат разлика
Од 1 август поскапе парното во Скопје. За корисниците на ЕСМ Снабдување за 5,96%, на ЕСМ Енергетика за 5,18%, а на Енерџи Еколинк за 3,65%. Просечната сметка за стан од 60 квадратни метри се зголемува за околу 140 денари, од 2.353 на 2.493 денари.
Градот доделува субвенција од 20.000 денари за дефицитарни занаети и занаети во изумирање, меѓу кои јорганџиство, опинчарство, грнчарство, ковачки и лимарски занает, казанџиство, копчарство, свеќарство, саатчиство, филигранство и изработка на музички инструменти. Повикот трае до 30 ноември или до исцрпување на вкупно предвидените 400.000 денари.
Карпош е најновата општина во која се спроведува проектот „Итно копче“ наменет за постари од 65 години кои живеат сами или со брачен партнер со нарушена здравствена состојба. Пријавувањето е на 02/15 330, а уредите се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Граѓаните на Центар може да побараат еднократна помош до 100.000 денари за покриви и фасади оштетени во невремето на 21 јули. Помошта не опфаќа возила, покуќнина, деловна опрема или прозорци, а максималниот износ не е однапред загарантиран. Барањата се поднесуваат до 29 септември во Архивата на Општина Центар.
Секое прваче во Ѓорче Петров ќе добие бесплатен ранец со училишен прибор, 3.000 денари и „бесплатна училишна ужинка“ за среќен почеток на новата учебна година.
Општина Чаир организира бесплатна школа за пливање за деца што започнува од 15 август, наменета за деца на возраст од 7 до 12 години. Местата се ограничени, а пријавувањето е овде.
Почеток на август е, и многу од вашите омилени места за излегување се затворени периодов. Јавна Соба отвара на 8 август, кафе-книжарницата Илика се враќа на 10 август, Љубов бар и Портал на 13 август, а Челик и Аудиокултура одмараат до 17 овој месец.
🧳 Патување
Ако патувате во Италија и планирате да изнајмите автомобил, однапред проверете ги условите на рентакар-компанијата и обезбедете меѓународна возачка дозвола. „Сакам да кажам“ објави дека македонски туристи биле одбиени при изнајмување возило. За македонските државјани што живеат во Италија, договорот за замена на дозволите сè уште не е финализиран, според италијанската амбасада во Скопје.
Од охридскиот аеродром сега може директно да се лета до Виена секој четврток и недела. Сезонската линија на Austrian Airlines почна да функционира на 21 јуни.
Потсетување дека ако патувате во Шенген-зоната сметајте на подолго чекање на границите бидејќи новиот систем EES сè уште има технички проблеми. Системот од 10 април ги замени печатите во пасошите со дигитално евидентирање на влезовите и излезите, фотографирање и земање отпечатоци од прсти од патниците што не се државјани на ЕУ. Девет европски земји побараа можноста за привремено запирање на биометриските проверки при голем метеж да продолжи и по 6 септември, но EES останува во сила.
🔗 Вреди да се кликне
Без лажни вести и без кликбејт
Сведоци сме на големи шумски пожари – Земјата станува огнена планета - Порта3
Инфлацијата падна. Зошто тогаш сè уште се чувствуваме сиромашни? - ИРЛ
Биолошката разновидност како јавен интерес и критична инфраструктура во Македонија - ДОМА
Од жежок бетон до болница: Здравствени последици од урбаните топлински острови - Призма
Зошто ниско искосената трева дополнително ги загрева градовите во лето - Порта3
🗓️ Настани (5 - 18 август)
Листава е обновувана во текот на неделата, проверете пак
📽️ Во Cineplexx моментално на редовен репертоар се: Scary Movie 6, Spider-Man: Brand New Day и The Odyssey. Од 13 август ќе може да се гледа и The End of Oak Street.
📽️ Во Киноверзум секој ден има проекции на Spider-man: Brand new day и The Odyssey.
5 август (среда)
📽️ Rooftop Open-Air Cinema: „V for Vendetta“ во Skopje City Mall
📽️ Flipbook Филм Фестивал во Котур
🎻 „Џез за чудаци“ “39 во Македонски паб „Ѕе“
6 август (четврток)
📽️ Flipbook Филм Фестивал во Котур
🎸 Концерт на Malpremal, Raketa, Тарамбаба и Шефшеф во КОТУР
7 август (петок)
📽️ Rooftop Open-Air Cinema: „Sex and the City“ во Skopje City Mall
📽️ 🖼️ Flipbook Филм Фестивал во Кинотека и паб Sе
🖼️ Изложба „Homo archīvālis“ на Анастасија Саздовска во Мобилната/Монтажна галерија (до 14 август)
8 август (сабота)
📽️ 🖼️ Flipbook Филм Фестивал во Кинотека и паб Sе
9 август (недела)
📽️ 🖼️ Flipbook Филм Фестивал во Кинотека и паб Sе
10 август (понеделник)
📽️ Македонски филм. На големо платно: „Незаборавна пролет во заборавено село“ во Cineplexx
📽️ „Превртено“ во библиотека „Другарче“
12 август (среда)
📽️ Rooftop Open-Air Cinema: The Hunger Games: Mockingjay – Part 1 во Skopje City Mall
📽️ „KATSEYE: WILD HEARTS“ во Cineplexx
🖼️ 90 години од раѓањето на Јован Петров во Чифте амам
14 август (петок)
📽️ Rooftop Open-Air Cinema: „10 Things I Hate About You“ во Skopje City Mall
🎻 Скопје вибрира: Handpan showcase на Енес Беговски во Лабораториум
15 август (сабота)
📽️ „KATSEYE: WILD HEARTS“ во Cineplexx
17 август (понеделник)
📽️ Македонски филм. На големо платно: „Kратки играни филмови“ во Cineplexx
📚 Книжевен кружок за книгата „Забранета тетратка“ од Алба де Сеспедес“ во Илика
18 август (вторник)
🎻 „Џез за чудаци“ 40 во Македонски паб „Ѕе“
🎈 Настани за деца
📽️ Во Cineplexx секој ден се прикажуваат Toy Story 5, Moana, Minions & Monsters и Paw Patrol: The Dino Movie.
📽️ Во Киноверзум секој ден има проекции на Minions & Monsters и Paw Patrol: The Dino Movie.
6 август (четврток)
📽️ Семеен ден со „Патролни шепи: Дино филм“ во Cineplexx
8 август (сабота)
📽️ Rooftop Open-Air Cinema: Finding Nemo во Skopje City Mall
📽️ Семеен ден со „Патролни шепи: Дино филм“ во Cineplexx
🎭 Стела и Сани: Распуст, песни и смеа во Џевахир Мол
9 август (недела)
🎭 „Мачорот во чизми“ во Среќа бар
15 август (сабота)
📽️ Rooftop Open-Air Cinema: „The Chronicles of Narnia: The Voyage of the Dawn Treader“ во Skopje City Mall
Претпоставката е направена врз основа на тоа што надвор од галеријата уште стоеше постер од оваа изложба.
Телефонот не им работи.

