Дали вашиот летен одмор заврши и наредниот месец сте врзани за татковината? Или можеби летувањето ви е планирано за во септември, па едвај чекате да помине август? Во двата случаи, ако немате планови за патување надвор од родната грутка, 🎶 Македонија ти нуди љубов и сѐ многу настани.
Ова е најисцрпната листа на случувања што ќе ја најдете на интернет. Ќе биде обновувана секоја недела, така што вреди да проверите пред да направите одлука каде да одите и кој дел од татковината да го запознаете, ако не и засакате.
Илинденски викенд
Како и секоја година, викендот околу Илинден е популарен термин за разни летни настани.
Западна Македонија
Охрид е најпопуларна дестинација за овој празник. Еве што нуди годинава:
На 1 август, на стадионот „Билјанини извори“ 2 во 1 настап ќе имаат Лепа Брена и Саша Ковачевиќ.
На 2 август, на „Билјанини извори“ ќе настапи Џејсон Деруло, со Раста и 2Бона. Во клуб Егоист настапуваат Nucci & Voyage, во Rebel - Djuma Soundsystem, a во Лихнидос Бистро може да ги слушате рок-војводите Next Тime со нивниот гостин Слаткаристика. Истата вечер на плоштадот во Елшани се случува „Илинденска вечер во Елшани“ со фолклорни настапи и народна музика.
На 3 август, францускиот диџеј и продуцент Hugel ќе настапи на стадионот, а во охридскиот антички театар, концерт ќе има Сергеј Ќетковиќ во придружба на Битолскиот камерен оркестар.
Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ почнува на 31 јули и трае до 10 август. На 2 август на пладне може да го слушнете обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а другите денови може да проследите (детски) театарски претстави, изложби, промоции на книги, настапи на Танец, Пијан Славеј, Дупер, па и импровизиран напад на градот.
Во Битола на 1 август, на ракометното игралиште настапуваат Next Тime со Слаткаристика. На 3 август се одржува Bitola OpenAir каде што како главна ѕвезда е најавен диџеј Armin van Buuren кој ќе настапи заедно со Laura van Dam, Cyrillic и Sempre. Настанот ќе се одржи на стадионот „Петар Милошевски“.
Во Гостивар сите 3 дена ќе се одржува The Park Festival. Според непишаното правило на доброволна сегрегација, првата вечер e со македонски изведувачи (Тони Зен и други), а втората и третата со музичари од Албанија и Косово (Yll Limani и други).
Оваа година се одржува шестиот по ред Галичник филм фестивал кој ќе трае од 1 до 3 август. 35 филмови од цел свет ќе бидат прикажани во амфитеатарот кај Упија.
Ако сакате да правите нешто позначајно од само журкање тој викенд, во Крушево има две илинденски хуманитарни крводарителски акции, организирани од локалниот Црвен Крст. Првата на 1 август во Спомен куќата на Тодор Проески и втората на Илинден во салата во Пензионерскиот дом во центарот на Крушево.
Источна Македонија
На Споменикот на слободата во Кочани, на 1 и 2 август ќе се случува хуманитарно-музичкиот настан „Расплет фестивал“, организиран од млади кочанчани кои велат дека главната цел на настанот е да подигнат свест дека донациите не треба да се намалат и дека се потребни исто како уште првите денови на формирањето на Support Kocani. Ќе настапат Хајка, Lufthansa, Donplaya, Корка и други млади македонски бендови.
Во село Русиново (Беровско), 1 и 2 август се резервирани за манифестацијата Илинденски видувања - Вршник Русиново. Дадо Топиќ ќе пее вториот ден (исто и Спасен Силјановски и други), а ќе има и настапи на фолклорни друштва од регионот и подготовка на малешевска храна под вршник.
На 3 август во Делчево ќе се одржи традиционалниот настан Retro Car Show.
Во остатокот од август
Неделата после Илинден, античкиот театар во Охрид е целосно букиран со настапи. Jeлена Томашевиќ, Владо Јаневски и други настапуваат помеѓу 6 и 9 август.
Овогодинешното, 20то издание на Струмичкиот филмски фестивал „Астерфест“ ќе трае од 4 до 8 август. Темата е „Филмски крстопати“, а на програмата има премиери, авторски средби, предавања и сл.
Четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран, со настани и во Струмица и Гевгелија.
Четири различни филмски фестивали се одржуваат скоро во исто време во државава. Flipbook Film Festival е најверојатно единствениот повеќедневен културен настан во Скопје овој месец. Овој фестивал на анимиран филм од 7 до 10 август во Кинотеката ќе прикаже 110 филмови во неколку селекции, а како дел од придружната програма ќе има работилници, изложби и промоции на книги.
Од 7 до 10 август во Струга се одржува филмскиот фестивал „Drim Short“ на кој може да гледате кратки филмови или да посетите тематски вечери, дискусии и мастер-класови со познати имиња.
Повеќе од 40 дена, еко-активисти со блокада ја бранат реката Дошница и планината Кожуф“ од планираната мала хидроцентрала. На 9 и 10 август на Смрдлива Вода во Гевгелија ќе се одржи дводневен настан како уште една форма на протест. „Протестфест: Дошница“ на програмата има дискусии, читање поезија, музички настапи (Дани Димитровска, Мојра), проекции на филмови, работилници, базар и друго.
Од 8 до 10 август, Крушево е домаќин на outdoor фестивалот „When in Krusevo“ што обединува љубители на сите можни спортови на отворено и плус има музичка програма, детски фестивал, театар, кампување. Со секој купен онлајн билет донирате 100 денари на социјално ранливи категории во Крушево.
Викендот после тој, на 16 и 17 август, Крушево е домаќин на уште еден outdoor фестивал под името „Крушево низ корија“. Активностите вклучуваат велосипедски тури, планинарење, тандем летови со параглајдер, забави и заедничко пеење на химната.
37та Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 15 до 17 август на локации во Велестово и во Охрид. Покрај поетски читања, тие два дена може да видите и изложби, концерти и промоции на книги.
СФест ќе се случува во Струмица на 15 и 16 август и на него ќе може да ги видите Игор Џамбазов, Паркети, КЕМ и други.
Традиционалното Карпошово културното лето оваа година ќе трае од 18 до 29 и на него ќе настапат “најголемите музички ѕвезди на македонската народна музика и на македонската забавна музика, со изворни песни и ора, етномузика, како и со модерни и со латинотанци.“
Четиринаесето издание на Скопскиот Пиволенд ќе се одржи во Паркот на франкофонијата од 21 до 23 август. Куку Леле, Паркети, Бени и Нон Стоп се некои од бендовите на репертоарот.
Ако сте за пософистицирана уметност, Струшките вечери на Поезијата се од 21 до 25 август. Фестивалот ќе угости 70 поети од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, земјава и регионот, а од настани ќе има поетски читања, изложба и матине.
Фестивалот за креативен документарен филм МакеДокс ќе биде на неколку локации (Куршумли Ан, МКЦ, Лабораториум) од 21 до 28 август. На програмата, меѓу другите, е и палестинскиот No Other Land што е добитник на Оскар за најдобар документарец за 2025.
Четвртото издание на Битолскиот Парк047 Фестивал – Човечка интеракција е најавено за 22 и 23 август. Овогодинешниот line-up ги вклучува Iron Curtis, Луфтханза, Занаду и локалните ѕвезди Donplaya и Bon Praskiza.
Охрид Џез Фестивал 2025 ќе се одржи во предворјете на црквата „Св. Софија“, од 22 до 24 август. Ќе настапуваат Чалгија Саунд Систем, Павле Камиловски и други.
Вир фестивал четвртиот планински фестивал овој месец. Се одржува на Кожуф и според организаторите претставува „дводневна прослава на музиката, уметноста и заедницата“. На 23 и 24, Вир нуди настапи во живо, диџеи, уметнички инсталации, работилници и планинарски тури.
Фестивалот на електронска музика Berovo Sound Wave ќе се одржи на 23 август во градскиот парк во Берово. Засега нема подетални информации за програмата, а кога ќе има ќе може да ги прочитате и тука.
Настани започнати во јули
Охридско лето ќе трае до 20 август кога ќе се затвори со претставата „Електра“ во Античкиот театар, а дотогаш ќе може да гледате концерти, филмови, театарски претстави и програма за деца.
Во Битола веќе е во тек Битолското културно лето – „Бит фест“ што ќе трае до крајот на месецот. На програмата има концерти, промоции на книги, проекции на филмови и уште многу други културни настани.
Струмица Опен Фестивал е организиран од општината и се одржува во јули и август под мотото „Мозаик од емоции“. Во август, покрај другите настани има и концерти на Каролина, Тамара, Битолски Камерен Оркестар и други.
Авалон со инвентивен бизнис модел според кој организира и наплаќа 4 самостојни концерти во два месеци, а сепак ги вика фестивал. “Фестивалот“ Skopje Calling што во јули ги угости Massive Attack и Joker Out, продолжува во август со настапи на Yll Limani (20 август) и Nick Cave (22 август).
Манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ започна во април и ќе трае во текот на целата година.
Во рамките на „Велешко лето“, општината организира настани од областа на музиката, литературата, ликовната, филмската и друг вид на уметности што ќе се одржат на различни локации низ градот.
До 3 август ќе се одржува „Тетово прославува! Тетовско културно лето 2025“. Општината ветува „песни, ора, литературни вечери, спорт, изложби, презентации на олдтајмери и луксузни автомобили, филмски вечери и многу повеќе!“
„Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ оваа година нуди театар, ликовна уметност, музика, поезија и креативни работилници. Настани што се одржуваат помеѓу 18 јули и 16 август, според организаторите „се наменети за пошироката јавност, но манифестацијата посветува и особено внимание на маргинализираните групи, вклучувајќи ги и штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар.“
Богородица викенд
Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи овогодинешното издание на најпознатиот уличен фестивал кај нас, Баскерфест. Ќе започне на 25 август во Кисела Вода, а ќе заврши на 6 септмври во Гевгелија. Организаторите најавуваат акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и улични артисти од повеќе од 20 земји.
Четиринаесеттото издание на Прилеп џез викенд ќе трае цела недела и ќе се одржува помеѓу 24 и 30 август. Ќе започне со настап на Next to silence на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, а ќе заврши со Obojeni Program на летната сцена од НУЦК Марко Цепенков.
ЈОЈО’S United ќе се случува во камп Љубаништа од 28 до 31 август. Настанот нуди водени спортови, јога, диџеи, адреналински парк и детско катче.
Богородица е битен празник во Берово. Оваа година може да одите на музичката манифестација Етно Плоштад Фестивал 2025 и саемот на традиционални малешевски производи ,,Малешевијата на дланка”. Од 28 до 30 август, на плоштадот ќе има детски фестивал, концерти на фолк музичари (и Харис Џиновиќ), изложби, ама и храна, рачни изработки и домашни производи.
Македонска Каменица ќе го одбележи Денот на рударите – 28 август, со тридневна културно-музичка програма (од 25 до 28 август), со настапи на Андијана Јаневска, Дани Димитровска и Divlje Jagode.
На 28, и Радовиш ќе го прослави Денот на рударите. Ќе настапат Нокаут и (какво изненадување) Divlje Jagode.
S.O.S. Festival во Битола е музички фестивал што ќе се одржува од 20 до 29 август. На последниот ден може да ги гледате Нокаут и (нема да ви се верува) Divlje Jagode, а другите денови ќе има диџеј сетови и настап на Тони Зен.
Кривопаланечко културно лето се одржува цело лето со над 60 настани со музика, театар, храна и програма за деца. Финалето е на 29 и 30 август кога ќе настапат Цеца и Саша Ковачевиќ, респективно.
На 29 и 30 август, во Гевгелија ќе се случува 17иот по ред мултимедијален арт-фестивал БОШ Фестивал. Програмата е веќе објавена: очекувајте видеоарт, изложби, проекции на документарци и повеќе.
Настани за деца и тинејџери
Трета година по ред, Младински Центар Охрид организира Недела на млади. Од 11 до 15, во Охрид, ликовни и музички летни школи, диџеи, јога, изложба, од сѐ по нешто.
Прошарај е тинејџерски камп што се одржува од 8 до 10 август на Шар Планина, а викендот после тој (16 и 17 август) најавен е дводневен настан (засега е познато дека ќе има само Шарпланински Базар) што ќе се случува на Попова Шапка.
Ако некои настани ви фатија око и сакате да ги обележите на хартија, или едноставно да имате календар на фрижидер, може да го симнете овој. Дизајнот е на украинската дизајнерка Roksolana Fursa.
🗞️ (Хипер)локални вести
Нов закон за коцкарници, УЈП vs таксистите
Новиот предлог‑закон за игри на среќа предвидува значајна регулација на оваа моментално незауздана индустрија: воведуваат растојание од минимум 500 метри помеѓу казината (вклучувајќи ги автомат‑клубовите и хотелските казина) и школите, ограничувања на бројот на видеолотариски апарати (од сегашните 7.000 на максимум 3.000 на месечно ниво низ цела држава) и рестрикции за рекламирање (реклами за игри на среќа ќе бидат забранети од 6 наутро до 22 часот во медиумите и во јавниот простор, а надворешните реклами ќе бидат ограничени по големина). Лиценците исто така поскапуваат, за казино ќе чини 750.000 €, за обложувалница 210.000 € и автомат‑клубови 100.000 €. Асоцијацијата на спортски обложувалници смета дека новите правила ќе предизвикаат масовно затворање на објектите и ќе ги намалат приходите на државата, поради нерационални давачки и непотребни ограничувања.
Од рубриката „верувале или не“, таксистите имаат законска обврска да издаваат фискални сметки. Сега УЈП ги информира дека „контролите ќе се спроведуваат во соработка со други надлежни институции низ целата држава, особено во туристичките региони“. Ако сакате да пријавите неправилности поврзани со авто-такси превозот или неиздавање фискални сметки во која било дејност, тоа може да го направите на бесплатната телефонска линија 198 или на info@ujp.gov.mk.
Општина Карпош известува дека започнала акција за мерење на загадувачки супстанци на отпадни гасови, кои се концентрирани во вентилациските канали на угостителските објекти.
ЈП „Водовод и канализација“ по којзнае кој пат оваа година апелира за рационално користење на водата. Исто така, апелираат и доколку забележите див приклучок, истиот да го пријавите на 02 3073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mk или www.vodovod-skopje.com.mk.
Американската програма за размена и учење на млади Kennedy-Lugar (YES Abroad) моментално има отворен повик за семејства со живеалиште во Скопје кои сакаат да вдомaт средношколец на размена од САД.
Здружението „Млади од семејна разновидност – Скопје“ спроведува хуманитарна кампања „Плати семестар“, чија цел е да обезбеди финансиска поддршка на повеќе од 100 млади од самохрани и еднородителски семејства за да можат да ги продолжат своите студии. Потребни им се околу 600.000 ден. Донирајте овде.
☠️ Локални избори 2025
Скопската независна граѓанска иницијатива Зелен Хуман Град формално ќе се регистрира како политичка партија за да може да учествува на претстојните локални избори. Скопските независни граѓански иницијативи Шанса за Центар, Независни за Карпош и Зелените од Гази Баба исто така формално ќе се регистрираат како заедничка политичка партија. Двете се одговор на измените што Собранието ги воведе во Изборниот законик, со кои се зголемува прагот на потребни потписи за учество на изборите. На секоја од нив им требаат 1000 потписи (заверени на нотар) од 1000 поддржувачи што ќе бидат основачи на партијата. Законот дозволува да се биде основач на само една партија, што значи ако сакате да поддржите независна иницијатива да стане партија мора да изберете една од двете опции. Очекувано, на нивните профили на социјалните мрежи и двете иницијативи беа прашани зошто не формираат една партија и ова се нивните одговори:


ЗХГ веќе споделија линкови за тоа каде може да се пријавите и да ги поддржите со вашиот потпис. ЗХГ исто така споделија и google form каде што може да гласате за еден од самопријавените кандидати што (ако соберат доволно гласови) може да бидат на нивната листа за советници во Град Скопје.
Секој студент до 29 години запишан во учебната 2025/26 година ќе добие по 15300 денари за лаптоп, таблет или персонален компјутер.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воведува мерка со која ќе покрива дел од трошоците за потрошена електрична енергија за домаќинства со деца со попреченост, како и за семејствата кои згрижуваат лица во својот дом.
Владата уште еднаш линеарно ќе ги зголеми пензиите. Првото зголемување од 1000 денари пензионерите ќе го добијат со септемвриските пензии, а второто (исто 1000 ден.) - напролет.
🏖️ Летување
Цела јужна Европа толку често се соочува со топлотни бранови што може да се каже дека целото лето е еден непрекинат топлотен бран. Во Грција, Акрополот и другите туристички атракции се затвораат во топлите делови од денот, во Италија има прекини во снабдувањето со електрична енергија, а секаде пожарите се константа.
Можеби ова е годината кога ќе може поевтино да поминете на Санторини? Островот се соочува со туристичка криза и според локалните туристички работници, оваа е „најлошата сезона досега“.
Во последните пет години, македонските граѓани и компании вложиле над 50 милиони евра во недвижности во Грција, според Банката на Грција. Само во текот на 2024 година, инвестициите достигнале 19 милиони евра, што е 9 пати повеќе од 2019 и 2020, кога биле инвестирани по 2 милиони евра.
🔗 Вреди да се кликне
Без лажни вести и без кликбејт
Здравјето на граѓаните често зависи од врски, подароци и банкноти - Радио МОФ
Граѓаните со паралелен трошок, покрај државното плаќаат и приватно здравствено осигурување - Радио Слободна Европа
Неплатените фактури за болничка храна наплатени со камата - Призма
Грета Тунберг на блокадите на Кожуф: Вашата битка против уништувањето на Дошница е и глобална - Мета.мк
ЈП „Лајка“: Кога миленик станува бездомно животно: Последиците од напуштањето врз градот и општеството - Независен
Ќе има ли системски реформи за згрижување на сите деца во градинките? - Bloomberg Adria
10 митови и факти за малите хидроцентрали во Македонија - Дома
Интервју со Грета Тунберг и Тео Ѓерасимоски: Профит, геноцид, климатски колапс - Гласни Идеи
🔗 Вреди да се кликне: 62 год од земјотресот
Скопје одбележува 62 години од катастрофалниот земјотрес - Deutsche Welle
Скопје се сеќава – 62 години од катастрофалниот земјотрес - МАРХ
Зградите се уриваа како кули од картон, небаре се случила апокалипса! - Вечер
Животот во шаторските населби низ Скопје: По земјотресот во Гази Баба се раѓа здраво машко дете - СкопјеИнфо
Треско, Солза и Солидарко - Имињата на првите деца по земјотресот - Скопјеинфо
Денот кога градот застана во 5:17 и никогаш не беше ист - Пулсинфо
🗓️ Настани (28 јули - 3 август)
Листава е обновувана во текот на неделата
📽️ Во Cineplexx оваа недела на редовен репертоар се: Superman, F1, The Ritual и Jurassic World: Rebirth и The Fantastic Four: First Steps.
28 јули (понеделник)
📽️ Sunset Boulevard во Кинотека
📚 Промоција на книга „Боксерски асови на Македонија” од Ставре Џиков во Ресторан Пелистер
29 јули (вторник)
📽️ Laura во Кинотека
🏆 Вечер на друштвени игри во Илика
30 јули (среда)
📽️ Оpen Air Cinema: The Naked Gun во Cineplexx
🎻 Скопско лето: Концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски - Ѓумар“ во Сули ан
31 јули (четврток)
📽️ Maria во Кинотека
1 август (петок)
📽️ Оpen Air Cinema: The Notebook во Cineplexx
2 август (сабота)
📽️ Оpen Air Cinema: „Пред дождот“ во Cineplexx
Настани за деца
📽️ Во Cineplexx секој ден има проекции на Lilo & Stitch и Smurfs.
29 јули (вторник)
✂️ „За сите деца“ Ден за (интер)акција во паркот во Капиштец
30 јули (среда)
📽️ Хокус-покус диплодокус во Кинотека




