20+ корисни и интерактивни локални мапи
И повеќе од 30 настани за вас, повеќе 10 настани за деца и еден единствен Дедо Мраз.
Веќе некое време по македонскиот интернет кружат линкови од неколку корисни, интерактивни и претежно crowd-sourced1 мапи, па јас ги собрав на едно место.

Во случајот, некои од мапите се креирани со придонес на поголема група на луѓе и некои се сеуште отворени и може да придонесете кон нив.
Локали во кои (не) се пуши- #SmokingFreeZoneInMKD
Оваа мапа ги бележи кафичите, рестораните и другите угостителски објекти во кои што (не) се пуши. Започна на твитер во зимата 2019 како идеја за мапирање на местата во кои не се пуши во Скопје, и e актуелна секоја зима. Сопственик на мапата е Горјан Јовановски и моментално се бара доброволец што ќе сака да ја одржува. Ако сте заинтересирани, може да го контактирате на hey@gorjan.rocks. Ако сакате да придонесете и да пријавите место каде што не се пуши/се пуши/начелно не се пуши, ама сепак се осеќа чад, пополнете ја оваа форма.
Чешмите во Скопје
Мапата на чешми со вода за пиење во Скопје е проект на здружението за едукативен развој „Еквалис“ и уметничкиот колектив „Партизанска штампа“. Изработена во првата половина на 2024, на мапата има обележано 120 чешми во повеќе општини во градот. Призма пишуваше за овој проект и за состојбата со чешмите во градот. Aко сакате да слушнете повеќе за овој проект од прва рака од луѓето што работеле на него, тоа може да го направите на 24 јануари на Конференцијата за активно граѓанство КритикУМ што ќе се одржи во Лабораториум.
Пакомак контејнери
Ова е неажурирана мапа на Пакомак контејнери во Скопје и Македонија, тука може да видите каде се наоѓаат најблиските контејнери за хартија, стакло и пластика. Ова се контејнерите што се поставени на отворено и тие се тие што цело време се полни, за што може да се заблагодарите на Комунална Хигиена Скопје кои што се задолжени за нивно празнење.
Пакомак вендинг машини
Различни од Пакомак контејнерите се вендинг машините што се наоѓаат во супермаркети. Во нив може да рециклирате пластични шишиња и лименки за кои добивате поени на нивната Екомак апликација. Поените може да се заменат за ваучери кои може да се употребат во супермаркетите низ државата. Мапата на вендинг машини е овде, а листата на истите е овде.
Инциденти на родово-базирано насилство и/или вознемирување во јавен простор
Реагирај! Биди безбедна е иницијатива на Реактор што ги мапира инцидентите на родово-базирано насилство и/или вознемирување во јавни простори во Скопје и Македонија. На мапата може да се филтрираат местата според видот на инцидент што бил пријавен (навредливи коментaри, свиркање, закана, физички напад, сексуално насилство, итн).
Доколку сте биле жртва или сведок на ваков инцидент, може да го пријавите и мапирате на овој линк. Дополнително, на ваше барање и со ваша согласност, Реактор може да ја испрати до граѓански здруженија кои се стручни и имаат дозвола за давање бесплатна правна помош и процесирање на случаи.
Споменици од НОБ (Spomeniks)
Оваа мапа е дел од еден импресивен проект што има цел да креира сеопфатна база на податоци за спомениците во чест на Народно Ослободителната Борба изградени на територијата на поранешна Југославија во времето на поранешна Југославија. Целата мапа има неколку стотици споменици и многу од нив имаат целосни профили полни со информации за споменикот. Spomenik Database e основан од Donald Niebyl, американски историчар и писател и е одличен начин да изгубите неколку саати на интернет. Приказната за тоа како еднаш од овој сајт стигнав до имање мачка дома ќе остане за друг newsletter.
Винска мапа на Македонија
Креирана во 2023 од Винопедија, оваа мапа има обележано повеќе од 250 винарии во Македонија користејќи информации од регистарот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Освен винариите, мапирани се и неколку физички продавници за вино, како и повеќе вински барови, ресторани и вински соби во Скопје и Македонија.
Јавни објекти кои се греат на мазут и нафта
Креирана од граѓанската иницијатива и советничка група во Советот на општина Центар „Шанса за Центар“ во 2023, на оваа мапа се обележани државните институции кои горат фосилни горива и со тоа го загадуваат воздухот во државата. На неа може да најдете над 700 јавни објекти кои склучиле договор за набавка на мазут, нафта за греење и јаглен за грејните сезони 2022/2023/2024 год.
Според нив “само во Скопје постојат над 100 јавни објекти – болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи кои користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење.“
Издадени градежни дозволи во Општина Центар
Повторно „Шанса за Центар“, овој пат со ажурирана мапа на градежни дозволи издадени од страна на Општина Центар. Во објаснувањето на мапата стои дека ова се „издадени градежни дозволи според јавно достапни податоци објавени во Службен гласник на Општина Центар или во дневните весници, потоа од податоци за градежни дозволи добиени и од информативни табли на градежни парцели, податоци добиени преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер и преку пребарување на известувања за градежни дозволи објавени во дневни весници.“
уште 4 веломапи
Велосипедските патеки во Скопје
Креирана од Васе Аманито, мапава ги бележи велосидските патеки во Скопје и содржи бааги информации за секоја патека (вид, должина, ширина, рута, итн.) Последно ажурирана во февруари 2023.
Позиција на сонцето во реално време
Оваа мапа на Travelers Cycling / Травелерс Велосипедизам ја прикажува позицијата на сонцето во реално време, така може да видите каде се сенките на вело патеките полесно, да возите во сенка и да избегенете ослепување :). Освен тоа, дечките имаат мапирано и пумпи за точаци, сервисни станици, паркинзи, патеки, чешми, сѐ што може да ви притреба на точак. Исто така важно е дека ова не е само скопска мапа, може да изберете и други градови (Битола, Охрид, Струга, Прилеп, итн), па и меѓуградски патеки. Ажурирана во 2025.
Железнички станици во Скопје
Мапата на железнички станици во Скопје е направена во 2018 од страна на членовите на На Точак, неформално здружение што се бори за подобро велосипедско Скопје. На Точак направиле експеримент на комбинирање на железнички и велосипедски сообраќај за транспорт низ градот за да истражат во какви услови се дел од скопските железнички станици, какви се условите во возовите за пренос на точаци и дали е возможно да постои скопска железница на постоечката железничка инфраструктура. Нивните findings детално се документирани овде.
Пречки на велосипедската патека по кејот на Вардар
Повторно мапа на На Точак, овој пат тие ја анализираат состојбата на рекреативната велосипедска патека по кејот на Вардар во Скопје. Мапирани се сите места каде што има прекин во патеката и каде што треба да се додадат рампи за да може непречено да се одвива велосипедскиот сообраќај. Точните препораки за поправање на овие блокди и повеќе информации за анализата има овде.
Бонус: Мапа на јавен транспорт во Скопје
Оваа не е интерактивна ама затоа е прекрасна. Направена во 2014 од програмерот Александар Гижаровски, оваа мапа ги содржи повеќето линии на ЈСП, жичарата, железничката линија како и „неколку желби, како што се ниските бротчиња за речен транспорт, како и долната траса на жичарницата“, која тогаш уште не била изградена. Со оглед на тоа што ЈСП нема воведено многу новитети во нивните линии во последните 10 години, ова е сеуште корисна мапа. Официјалната мапа на ЈСП може да ја најдете овде.
+ уште 7 разни мапи
Шанса за Центар (doing God’s work) имаат уште една мапа на Центар, овој пат на инфраструктурни зафати во општината, последно ажурирана во декември 2024. Повеќе информации може да најдете овде.
Мапата на задавени дрвја е креирана од Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет во Скопје и неговиот студент Бошко Цветковски во 2018 год и мапира речиси 500 дрвја во Скопје кои се буквално зацементирани со асфалт, со бетон, со бекатон плочки, или со разни други материјали. Незабавен експеримент што ќе го направам во наредните денови е да проверам колку од 5те задавени дрвја мапирани во непосредна близина на мојата зграда се сѐуште живи. Повеќе за проектот може да дознаете од оваа статија на Види Вака.
Твитер crowdsourced мапа на потенцијални паркови во Скопје. Направена во 2020, оваа мапа бележи предлог места каде што може да се засади зеленило. Скоро 5 години подоцна, реалноста е дека поголемите предлог-парцели, како Алумина, Треска и паркингот кај Холидеј Ин веќе се градилишта.
Ако сакате да пријавите (и во полиција, не само на google maps) некое правно лице што узурпира јавен простор, во случајов тоа се пешачки и велосипедски патеки, оваа мапа ќе ви биде од помош.
Мапата на загадувачи е направена од здружението на граѓани Зелен Институт во 2020. Мапата ги лоцира поставените индустриски инсталации и објекти кои работат со А и Б интегрирани еколошки дозволи, како и со елаборати за животна средина. Објектите се мапирани со основни податоци: име на фирма, дејност, капацитет, гориво и координати. Податоците се од Државниот инспекторат за животна средина.
Оваа мапа на политичките билборди од изборите во 2020 е изработена од Центарот за интернет, развој и добро управување – ИМПЕТУС. На мапата се лоцирани 696 политички билборди во 22 градови низ Македонија.
Ако некогаш сте се запрашале каде сѐ е прикажуван македонскиот филм „Исцелител“, има мапа и за тоа.
+ уште 1 извештај за вело безбедност
За ептен вело-nerds, овде има детален извештај за процена на велосипедската инфраструктура во и околу Скопје. Направен од АМСМ, FACTUAL Consulting и НаТочак, извештајот го проценува
ризикот од сообраќајни судири за велосипедистите и
корисниците на микромобилни превозни средства. Анализирани се 130 километри инфраструкута во пролетта 2024 год.
И оваа листа беше crowdsourced и фала им на сите што ми одоворија на моите прашања, на Ана, Ангел, Горјан, а најмногу на Дарко А. П.
🗞️ (Хипер)локални вести
Mи се допаѓа овој натпревар на теретарните за тоа која ќе обезбеди што поевтина повеќемесечна членарина. Битката во Карпош повторно е помеѓу Forma, Spectra и Crooks (да, Crooks се вика), а овој пат се придружува и Omerta од Аеродром со нешто послаба понуда што е разбирливо, нема потреба од попусти за да привлечеш Аеродромци во теретана. :) Понудите важат само на 20 и 21 јануари.
🔗 Вреди да се кликне
📊 Криволовот низ правосудството: Пукај си, плати си! - Призма
🗞️ Дизајнерката Ирина Тошева ќе држи обуки за шиење во женското одделение во „Идризово“, потребни се материјали и машини - Радио МОФ🗞️ Правниот пат за борба со загадениот воздух - ПИНА
📹 Ќе дочекаме ли некогаш меѓународен патнички воз? - Радио Слободна Европа
🗞️ Македонија се гуши во ѓубре - TРН
🎨 Исус низ уметноста - Херој на еден ден
📈 Компанијата за испорака „Волт“ наскоро во Македонија - Bloomberg Adria
📹 Производство според европски стандарди - Види вака
🗓️ Настани
(20 - 26 јануари)
📽️ Во Cineplexx може да ги гледате Gladiator 2, Wicked, Nosferatu и Emilia Pérez. На 23 јануари премиера ќе имаат и балканската комедија Сите го викаат Реџо и A Complete Unknown, биографскиот филм за раните денови на Боб Дилан со Timothée Chalamet. Од 23 јануари исто така ќе може да се гледа и Flight Risk, режиран од Mel Gibson, со Mark Wahlberg и Michelle Dockery.
📽️ Во Кино Милениум се прикажува L'Amour et les forêts, Dražen и детски филмови што можете да ги најдете подолу во Настани за деца.
📽️ Во Киноверзум (Кисела Вода, Велес, Штип и Свети Николе) секој ден може да ги гледате A Complete Unknown и Flight Risk.
📽️ Проекција на „Љубовната соба“ во Кинотека (21 јануари)
🎭 Театарска претстава „12“ во Македонски народен театар (21 јануари)
🎭 Teaтарска претстава „Диши“ во Драмски театар (21 јануари)
📖 Промоција на книгата „Гледна точка“ на Јани Бојаџи во Кинотека (21 јануари)
🎨 Изложба „Џинови и снегулки“ во Музеј на Македонија (до 21 јануари)
🎭 Teaтарска претстава „Фамилијата Адамс“ во Драмски театар (22 јануари)
📖 Промоција на книгата „Милчо за Манчевски“ од Атанас Чупоски во во Кинотека (22 јануари)
📽️ Проекција на „Прашина“ во Кинотека (22 јануари)
🎸 Концерт на Филип Букршлиев во Буква (22 јануари)
📖 Silent Book Club во Буква (22 јануари)
🎭 Teaтарска претстава „Падот на Масада“ во Драмски театар (23 јануари)📽️ Проекција на The Zone of Interest во Кинотека (23 јануари)
🎻 Концерт „Филхармонија на кирилица“ во Филхармонија (23 јануари)
🎭 Монодрама „Сите најубави нешта" во Јадро (23 јануари)
📖 Промоцијата на книгата „Еуфорија“ од Елин Кулхед во Europe House (23 јануари)
📖 Промоција на книгата „Тестамент од свила“ на Лулзим Хазири во МКЦ (23 јануари)
📽️ Проекција на Dark Satellites во Кинотека (24 јануари)
🎭 Претпремиера на „Народен пратеник“ во Македонски народен театар (24 јануари)
🩰 Балетска претстава „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“ во Националната опера и балет (24 јануари)
🎻 Концерт „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones!“ во Филхармонија (24 јануари)
🎭 Teaтарска претстава „Чудесна терапија“ во Драмски театар (24 јануари)
📖 Промоција на книгата „Срцебиењата кои не ги чу“ во кино Фросина (24 јануари)
🪧 Креативна акција „Изгреби за здравје“ пред Спомен куќата на Мајка Тереза (24 јануари)
🤝 Конференцијата за активно граѓанство КритикУМ во Лабораториум (24 - 25 јануари)
🎮 Global Game Jam Скопје 2025 во BASE42 (24 - 26 јануари)
☕ Coffee and Tea Fest во Рамстор (24 - 26 јануари)
🎭 Премиера на „Народен пратеник“ во Македонски народен театар (25 јануари)
📽️ Проекција на Perfect Days во Кинотека (25 јануари)
🎭 Teaтарска претстава „Пикник на фронтот“ во Драмски театар (25 јануари)
🤝 20 year of impact of the American Corner Skopje во МКЦ (25 јануари)
🎮 LevelUP Experience - Gaming event во Diamond Mall (25 јануари)
📖 „Илика слави прв роденден“ во Илика (25 јануари)
🎻 Концерт на дуото Омерагиќ/Спировски во Буква (25 јануари)
🛍️ „Сити базар“ во Skopje City Mall
🎨 Изложба „Патување низ боите на Башким Меџити“ во Чифте амам (до 31 јануари)
🎨 Изложба „100 години од раѓањето на Ристо Лозаноски“ во Даут пашин амам (до 27 февруари)
🎨 Изложба „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ во Музејот на современата уметност (до 30 март)
Настани за деца
📽️ Во Cineplexx може да ги однесете децата на Buffalo Kids, Paddington in Peru, Vaiana 2, Sonic the Hedgehog 3 и Mufasa: The Lion King.
📽️ Во кино Милениум оваа недела на репертоарот се Buffallo Kids, SuperKlaus и Checkered Ninja 2.
📽️ Во Киноверзум се прикажуваат Vaiana 2, Кучиња во операта, Мoana 2, Paddington in Peru, Buffalo Kids, Despicable Me 4, Sonic the Hedgehog 3 и Mufasa: The Lion King.
🩰 Балетска претстава „Доктор Офболи“ во Националната Опера и Балет (21 јануари)
🎭 Театарска претстава „Што е силеџија“ во Театарот за деца и младинци (22 јануари)
🎭 Театарска претстава „Мачорот во чизми“ во Театарот за деца и младинци (23 јануари)
🎭 Театарска претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ во Театарот за деца и младинци (24 јануари)
🎭 Театарска претстава „Пепелашка“ во Театарот за деца и младинци (25 јануари)
🧸 Семеен ден во Cineplexx (25 јануари)
Crowdsourcing е процес на добивање информации, услуги, содржини или други ресурси од голема група на луѓе што доброволно ги споделуваат.